top of page

Сè што треба да знаете за менаџерскиот договор во Македонија

May 20

2 min read

0

10


shaking hands while signing agreement

Во деловното работење, особено во трговските друштва, не е невообичаено да се сретнеме со поимот „менаџерски договор“. Иако на прв поглед може да личи на обичен договор за вработување, менаџерскиот договор има специфична правна природа и цел. Затоа, важно е да се направи јасна разлика меѓу овој договор и класичниот договор за вработување. Во овој текст ќе објасниме што треба да знаете за менаџерскиот договор во Македонија и што го прави различен од другите облици на работен ангажман.


Што е менаџерски договор?

Менаџерскиот договор е специфичен вид на договор за вработување кој се склучува помеѓу трговско друштво и лице кое врши раководна функција – управител, извршен член на одбор на директори или член на управен одбор. Неговата правна основа произлегува од две законски рамки:

  • Член 54 од Законот за работните односи, каде што се дозволува склучување на ваков посебен договор, и

  • Членовите 350, 365 и 366 од Законот за трговските друштва, каде што се дефинира правната природа и содржината на односот меѓу менаџерот и друштвото.


Овој договор се нарекува „менаџерски“ не затоа што тоа е посебна категорија според Законот за работни односи, туку затоа што уредува односи со лица што имаат управувачки и раководни овластувања. За разлика од редовните вработени, тие не се предмет на типичниот работен однос и често преземаат повисоки ризици и одговорности. Токму затоа, законодавецот дозволува поголема флексибилност при уредување на нивниот статус.


👉 Што го прави менаџерскиот договор различен?

Она што го прави менаџерскиот договор суштински различен од класичниот договор за вработување е степенот на автономија во уредување на правата, обврските и одговорностите. Законот дозволува страните во менаџерскиот договор да отстапат од стандардните правила што важат за вработените, особено во однос на:

  • траењето на работниот однос (на определено или неопределено време),

  • работното време и распоред,

  • правото на дневен и годишен одмор,

  • плата и надоместоци,

  • престанок на договорот и услови за раскинување.


Дополнително, за менаџерите не се применуваат одредбите од колективните договори, ниту пак сите делови од Законот за работните односи, како што се одредбите за дисциплинска одговорност, заштита на работничките права и други стандардни гаранции.


Ова значи дека менаџерскиот договор им овозможува на друштвото и на менаџерот да ги уредат меѓусебните права и обврски со поголема флексибилност, при што можат да се отстапи од одредени заштитни одредби предвидени за класичните вработени. Таквата слобода во договорот често подразбира построги услови за одговорност, пократки рокови за отказ, како и специфични обврски за постигнување резултати, кои не се типични за другите облици на вработување.

*

Заклучок

Договорот за вработување и менаџерскиот договор се два различни правни инструменти со различна правна природа, цел и примена. Договорот за вработување е насочен кон регулирање на работните односи помеѓу работникот и работодавачот, додека менаџерскиот договор е насочен кон регулирање на односите помеѓу трговското друштво и лицето кое управува со друштвото. Изготвувањето на вакви договори бара правна експертиза и вештина за прецизно уредување на односите и одговорностите помеѓу страните.

**

Напомена: Овој текст е подготвен исклучиво за информативни цели и не може да се смета за правен совет или упатство за конкретно постапување. Правните прашања се сложени и секој случај има свои специфики кои мора да се разгледуваат поединечно. Токму поради тоа ви предлагаме да се консултирате со стручно лице- Адвокат кои може да најде уникатно решение за вашето правно прашање.


May 20

2 min read

0

10

© 2024 by Law office Isaevski

bottom of page