top of page

Earn-out клаузули: Заштита на продавачот

2 hours ago
3 min read

При трансакциите за купопродажба на удели или акции (M&A – спојувања и преземања), една од најкомплексните точки на преговори е вреднувањето на целното друштво (Target Company). Купувачот вообичаено стравува од преплатување на несигурни идни проекции, додека продавачот верува во супериорниот потенцијал за раст на својот бизнис.


За да се премости овој јаз во вреднувањето, странките често прибегнуваат кон Earn-out клаузули. Со овој механизам дел од купопродажната цена се исплаќа веднаш при затворање на трансакцијата (closing), додека остатокот претставува варијабилен, условен надоместок кој зависи од идните финансиски резултати на друштвото (на пример, остварена EBITDA, нето-добивка или приходи) во дефиниран период (најчесто од 1 до 3 години).


Иако на хартија делува како идеален компромис, во праксата earn-out клаузулата крие огромни ризици од манипулација со финансискиот резултат. Кога купувачот ќе ја преземе целосната оперативна контрола врз друштвото, тој стекнува директна моќ да влијае врз расходите, приходите и сметководствените политики, со цел да ја намали прикажаната добивка и со тоа драстично да ја скрши или целосно елиминира обврската за исплата кон продавачот.


earn-out

Правна класификација на Earn-out клаузули во договор

Во македонското облигационо право, earn-out клаузулата се подведува под концептот на договор склучен под одложен услов, односно определена обврска е склучена под услов ако нејзиниот настанок зависи од неизвесен факт (во случајов, остварување на определен праг на финансиски резултат во иднина). Доколку условот се исполни, обврската за исплата станува доспеана.


Клучно правило во македонското законодавство за овој услов да е остварен е начелото на совесност и чесност. Односно, купувачот да не посегне кон измама и заблуда.


Превенција: Како продавачот да се заштити при преговорите


За да не се сведе правото на продавачот на макотрпни судски спорови, од клучно значење е прецизното структурирање на договорот за пренос на удели (Share Purchase Agreement - SPA):


Клаузула за работење во редовен тек (Ordinary Course of Business Covenant)


Купувачот мора договорно да се обврзе дека во текот на целиот earn-out период ќе управува со таргетот во вообичаен деловен тек, соодветно на неговата претходна пракса (consistent with past practice), со стандард на добар стопанственик, и дека нема да презема дејствија чија цел или директен ефект е намалување на earn-out надоместокот.


Регулирање на дозволени и недозволени трошоци (P&L Normalization)


Во дефиницијата на финансискиот показател (на пр. EBITDA) мора точно да се наведат исклучувањата, како:


  1. Меѓукомпаниски алокации: Изречна забрана за фактурирање на општи режиски трошоци, софтверски или менаџерски услуги од матичното друштво врз таргетот за пресметковни цели на earn-out.

  2. Вонредни трансакциски трошоци: Адвокатски, консултантски или банкарски провизии поврзани со самото преземање не смеат да го оптоварат билансот на успех на таргетот.

  3. Промени во сметководствените политики: Финансиските извештаи за целите на earn-out мора да се изготвуваат стриктно според сметководствените политики и конзистентност што важеле пред заклучување на трансакцијата (член 476 ЗТД).


Право на информација, ревизија и увид (Audit Rights)


Ако продавачот целосно излегува од сопственоста, тој ги губи корпоративните права на увид затоа, договорот мора да му гарантира:


  • Периодичен писмен финансиски извештај за текот на бизнисот (квартално/полугодишно).

  • Право на увид во сметководствените книги преку независен овластен ревизор.

  • Трошоците за ревизијата да паднат на товар на купувачот доколку ревизорот утврди отстапување на добивката поголемо од одреден процент (на пр. 5%).


Механизам за решавање на сметководствени спорови (Independent Expert Determination)

Наместо спор за сметководствена проценка веднаш да заврши на суд, договорот треба да предвиди назначување на реномирано независно сметководствено/ревизорско друштво (Independent Accounting Firm) чија одлука ќе биде конечна и правно обврзувачка за двете страни.


*

ЗАКЛУЧОК


Earn-out клаузулата може да биде одлична алатка за постигнување компромис во M&A трансакциите, но единствено доколку е правно и финансиски оклопена. Продавачот кој се согласува на earn-out без строги заштитни механизми, без забрана за меѓукомпаниски алокации и без експлицитна гаранција за „нормален деловен тек“, практично му предава бланко чек на купувачот.


Македонското облигационо право, обезбедува силен коректив во форма на фикција дека условот е настапен доколку купувачот нечесно го спречил неговото остварување. Сепак, најдобрата заштита останува прецизно нормираната клаузула која однапред го спречува просторот за сметководствени и оперативни манипулации.


**

Напомена: Овој текст е подготвен исклучиво за информативни цели и не може да се смета за правен совет или упатство за конкретно постапување. Правните прашања се сложени и секој случај има свои специфики кои мора да се разгледуваат поединечно. Токму поради тоа ви предлагаме да се консултирате со стручно лице- Адвокат кои може да најде уникатно решение за вашето правно прашање.


 
 

© 2026 by Isaevski Law. All rights reserved.

bottom of page