Новиот Закон за парнична постапка: Што може да очекуваме?
- Gjorgji Isaevski
- Jul 20
- 4 min read
Updated: Jul 21
Парничната постапка претставува начинот на кој граѓаните и правните лица ги остваруваат и штитат своите права пред судовите во граѓанско-правните спорови. Законот за парничната постапка (ЗПП) ги уредува правилата на оваа игра, но иако основните принципи се долготрајни, современите измени во законот, како што се дигитализацијата и акцентот на алтернативното решавање на споровите, го трансформираат начинот на кој правдата се спроведува. По повеќе од една деценија примена на постојниот Закон за парничната постапка, Собранието на Република Северна Македонија на 08.07.2026 година го донесе новиот Закон, чија цел е да создаде побрза, поефикасна и посовремена судска постапка, усогласена со европските стандарди. Во овој блог, објаснуваме што всушност се менува и што ќе значи тоа за странките, адвокатите и деловната заедница, како и од каде е потребата моментално за новиот закон ?

Побрзи судски постапки
Една од најважните цели на новиот закон е значително да се намали времетраењето на парничните постапки. За таа цел се воведуваат правила кои го поттикнуваат судот уште на самиот почеток да ги утврди спорните прашања, да ја концентрира доказната постапка и да спречи непотребно одолговлекување.
Од странките ќе се очекува уште во раната фаза на постапката да ги изнесат сите релевантни факти и докази, наместо тие постепено да се доставуваат во текот на целиот спор. Со тоа се намалува можноста за тактичко одложување на постапката и се создаваат услови судот побрзо да донесе одлука.
За компаниите ова значи побрзо решавање на деловните спорови и намалување на правната неизвесност.
Поголема дигитализација во Новиот Законот за парнична постапка
Современото судство не може да функционира без дигитални алатки. Затоа, новиот Закон дополнително ја развива електронската комуникација помеѓу судовите, адвокатите и странките.
Електронската достава на судски писмена ќе има сè поголема улога, со што ќе се намалат административните доцнења и ќе се овозможи побрзо процесирање на предметите. Ова претставува чекор кон модернизација на судскиот систем и усогласување со европските практики.
Нови правила за доставата
Практиката покажа дека доставата на судските писмена често претставува една од најголемите причини за одложување на постапките. Во голем број случаи странките намерно избегнуваа прием на судските акти, што резултираше со повеќемесечно пролонгирање на судењето.
Со новиот закон се прецизираат правилата за уредна достава и се ограничуваат можностите за злоупотреба на овој процесен институт. Очекувањата се дека предметите ќе продолжуваат без непотребни застои предизвикани од формални проблеми околу доставата.
Поефикасно вештачење
Вештачењата се неопходен дел од многу судски постапки, но истовремено претставуваат и една од најчестите причини за нивно продолжување. Новиот закон предвидува појасни правила за назначување на вештаци, рокови за изработка на вештачењата и поголема одговорност доколку тие неоправдано доцнат.
Со тоа се настојува да се подобри квалитетот на доказната постапка и да се намали времето потребно за добивање стручно мислење.
Побрзо решавање на споровите од мала вредност
Голем број судски предмети се однесуваат на релативно мали парични побарувања. Иако нивната вредност е ограничена, тие честопати траат подеднакво долго како и сложените судски спорови.
Новиот закон воведува поедноставени правила за овие постапки, со цел тие да се решаваат побрзо и со помалку формалности. Ова е особено важно за граѓаните, малите и средните претпријатија кои често се соочуваат со вакви спорови.
Претставнички тужби – новина во македонското право
Една од најзначајните новини е воведувањето на претставничките тужби за заштита на колективните интереси на потрошувачите. Со ова решение, овластени организации ќе можат да поведуваат постапки во име на поголем број потрошувачи кога нивните права се повредени од ист трговец или давател на услуги.
Ова претставува значајно приближување кон европските стандарди за колективна правна заштита и овозможува поефикасна заштита на потрошувачите во случаи кога индивидуалните тужби не би биле практични.
Што значи новиот закон за компаниите?
За деловната заедница, новиот Закон за парнична постапка носи позитивни очекувања. Побрзото решавање на стопанските спорови значи поголема правна сигурност, полесно планирање на деловните активности и намалување на трошоците поврзани со долгите судски постапки.
Компаниите ќе треба да обрнат поголемо внимание на навременото подготвување на доказите и процесната стратегија уште од самиот почеток на спорот, бидејќи новите правила оставаат помал простор за дополнителни процесни активности во подоцнежните фази.
*
Заклучок
Новиот Закон за парнична постапка претставува амбициозна реформа чија основна цел е создавање побрзо, поефикасно и помодерно судство. Иако законските измени сами по себе не можат веднаш да ги решат сите предизвици со кои се соочува правосудниот систем, тие поставуваат солидна основа за поорганизирано и поквалитетно водење на граѓанските постапки.
Сепак, вистинските резултати нема да зависат исклучиво од текстот на законот, туку пред сe од неговата практична примена. За реформата да ги исполни очекувањата, ќе биде неопходно сите учесници во постапката судиите, адвокатите, вештаците и другите правосудни професионалци навремено да се приспособат на новите процесни правила, пократките рокови и зголемената употреба на дигиталните алатки. Истовремено, судовите ќе треба да располагаат со доволни кадровски, технички и организациски капацитети за доследна примена на новите решенија.
Само доколку овие предуслови бидат исполнети, новиот Закон за парнична постапка ќе може да ја постигне својата основна цел – побрзо, поефикасно и поквалитетно остварување на правдата, без компромис во однос на правичноста на судските постапки.
*
Напомена: Овој текст е подготвен исклучиво за информативни цели и не може да се смета за правен совет или упатство за конкретно постапување. Правните прашања се сложени и секој случај има свои специфики кои мора да се разгледуваат поединечно. Токму поради тоа ви предлагаме да се консултирате со стручно лице- Адвокат кои може да најде уникатно решение за вашето правно прашање.