Работа од дома (remote work) во 2026: Што треба да знаат компаниите и вработените
- Gjorgji Isaevski
- 3 days ago
- 5 min read
Работата од дома (remote work) и флексибилното работно време во 2026 година не се само организациски модели, туку и правна обврска за усогласување со македонското законодавство. Концептот на дигитално работно место каде вработен може да функционира како дел од тимот на компанијата без оглед на локацијата доби значителен замав особено по пандемијата со КОВИД-19. Меѓутоа, секоја компанија што воведува ваков модел мора да обезбеди законитост, заштита на работничките права и јасно дефинирани односи со вработените. Сепак, клучно е да се признае дека работата од далечина не е без предизвици. Македонските закони не ги регулираат експлицитно сите модалитети на работа од далечина, туку наместо тоа, им дозволуваат на работодавачот и вработениот да се договорат.
Тука ќе ги опфатиме клучните правни аспекти што компаниите во Македонија мора да ги земат предвид.

Правна рамка и обврски на Компаниите и вработените при работа од дома (remote work)
Работата од дома е регулирана согласно Законот за работните односи (ЗРО), кој ја дефинира работата од дома како работа која работникот ја врши во својот дом или во простории по свој избор што се надвор од деловните простории на работодавачот.
1.Обврски на Компаниите при работа од дома (remote work)
Договор за вработување: Компаниите и вработените мора да склучат договор за вработување за вршење на работа дома, кој мора да биде во писмена форма. Овој договор треба детално да ги уреди правата, обврските и условите кои зависат од природата на работата дома. Договорот мора да содржи податоци за страните, датум на стапување на работа, назив на работното место, место на вршење на работата, работно време, висина на плата и други надоместоци.
Надомест за користење сопствени средства: Вработените имаат право на надомест за употребата на своите средства за работата дома, чија висина мора да биде определена во договорот за вработување.
Доставување до инспектор на труд: Компанијата е должна договорот за вработување за вршење на работа дома да го достави до инспекторот на трудот во рок од три дена од денот на склучувањето.
Работно време и евиденција: Полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно, а работната недела по правило трае пет работни дена. Компаниите се должен да водат евиденција за полното работно време и да воведе систем со кој ќе го евидентира работното време на вработените кои работат од дома.
Одмори и паузи: Работниците иако работат од дома имаат право на пауза, дневен и неделен одмор исто како да работат од седиштето на компанијата.
Безбедност и здравје при работа: Компаниите се должни да обезбедат безбедни услови за заштита при работа. Компаниите мораат исто така да развијат ефективни механизми - прописи за заштита при работа дома за идентификација, проценка и контрола на ризиците. Ова вклучува детални самопроценки, обезбедување соодветна опрема, обука на вработените и воспоставување јасни процедури за итни случаи.
Заштита на лични податоци: Личните податоци на вработените можат да се собираат, обработуваат, употребуваат и доставуваат на трети лица само ако е тоа определено со закон или ако е потребно заради остварување на правата и обврските од работниот однос. Контролорот (компанијата) е должна да примени соодветни технички и организациски мерки за да обезбеди заштита на личните податоци, вклучувајќи псевдонимизација и криптирање.
2.Обврски за вработените при работа од дома (remote work)
Безбедност и здравје: Вработените се должни да се грижат за сопствената безбедност и здравје и за безбедноста на другите, како и да ги почитува прописите за заштита при работа дома донесени од страна на Компанијата.
Почитување на деловна тајна: За вработените кои работат од дома забраната за несподелување, искористување за сопствена употреба или неовластено предавање на деловни тајни на трети страни сеуште важи и секое нејзино прекршување доведува до тоа вработениот да сноси последици.
Препораки за компаниите и вработените
Во разгледувањето на усвојувањето на работата од далечина, од витално значење е да се измерат нејзините предности и недостатоци. Хибридниот пристап често се смета за оптимален, бидејќи може да поттикне поздрава рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот за вработените, со што се подобрува продуктивноста и се негува позитивна деловна атмосфера.
За да се осигураат дека работата од дома е регулирана согласно законската регулатива, компаниите треба да воведат следниве интерни политики и процедури:
Јасни интерни политики: Развивање на сеопфатна интерна политика која ги дефинира условите за работа од дома, вклучувајќи ги критериумите за подобност, процедурите за аплицирање, очекувањата за продуктивност, комуникациските протоколи, користењето на компаниска опрема, надоместоците за трошоци и процедурите за враќање во канцеларија.
Програма за безбедност и здравје при работа од дома: Имплементација на програма која вклучува проценка на ризикот за домашните работни места, обука на вработените за ергономија и безбедносни практики, и обезбедување на потребната опрема.
Политика за заштита од вознемирување: Јасно дефинирана политика за заштита од вознемирување која ги опфаќа и виртуелните интеракции, со јасни процедури за пријавување и решавање на случаи на вознемирување.
Политика за заштита на лични податоци: Детална политика која ги регулира собирањето, обработката, чувањето и преносот на лични податоци на вработените, со посебен акцент на безбедноста на податоците при работа од дома.
Обуки за вработените: Редовни обуки за сите вработени, особено за менаџерите, за нивните права и обврски поврзани со работата од дома, безбедноста и здравјето при работа, заштитата од вознемирување и заштитата на личните податоци.
Комуникација и поддршка: Отворена комуникација помеѓу работодавачите и вработените е клучна за успешно работење од дома. Работодавачите треба да обезбедат соодветна поддршка за вработените, вклучувајќи психолошка поддршка за справување со техностресот и предизвиците на работата од далечина.
Најчести правни грешки што ги прават компаниите
Не регулирање на работата од дома во договорите за вработување или не креирањена анекс кон договорот за вработување кој ја регулира работата од дома;
Неплаќање прекувремена работа;
Недефинирана политика за достапност;
Недостаток на интерна регулатива;
Неусогласеност со заштита на податоци;
*
Заклучок
Работата од дома во 2026 година е повеќе од само тренд – таа е реалност која бара од компаниите темелно разбирање и доследна примена на законските прописи. Обезбедувањето на здрава и безбедна работна средина, почитувањето на работното време и одморите, заштитата на личните податоци и активното спречување на вознемирување се клучни за успехот на моделот на оддалечена работа. Компаниите кои ќе инвестираат во усогласеност со овие правни аспекти не само што ќе избегнат казни, туку и ќе изградат доверба кај своите вработени и ќе ја зајакнат својата репутација како одговорни работодавачи.
**
FAQ's
Дали работата од дома е дозволена според македонското законодавство?
Да, работата од дома е дозволена и може да се применува доколку е договорена помеѓу компанијата и вработениот. Ова најчесто се регулира преку договор за вработување или анекс на постоечкиот договор, во кој се дефинираат условите за работа надвор од просториите на компанијата.
Дали работното време се менува кога се работи од дома?
Не. Работното време најчесто останува исто како и при работа во канцеларија, односно 40 часа неделно за полно работно време. Сепак, компаниите можат да воведат флексибилно работно време доколку тоа е договорено со вработените.
Дали работодавачот треба да обезбеди опрема за работа од дома?
Во многу случаи работодавачот обезбедува основна опрема за работа како што се лаптоп, службен телефон или компјутер. Во одредени ситуации може да се обезбеди и надомест за интернет или други трошоци поврзани со работата.
Како се заштитуваат личните и деловните податоци при работа од дома?
Компаниите треба да применуваат интерни политики кои ја регулираат работата од домаи обезбедуваат за заштита на податоците.
Дали вработените имаат право на пауза и одмор кога работат од дома?
Да. Вработените ги имаат истите права како и при работа во канцеларија, вклучувајќи дневен одмор, пауза во текот на работниот ден и неделен одмор. Работата од дома не значи постојана достапност.
***
Напомена: Овој текст е подготвен исклучиво за информативни цели и не може да се смета за правен совет или упатство за конкретно постапување. Правните прашања се сложени и секој случај има свои специфики кои мора да се разгледуваат поединечно. Токму поради тоа ви предлагаме да се консултирате со стручно лице- Адвокат кои може да најде уникатно решение за вашето правно прашање.