top of page

5 клучни клаузули што мора да ги има секој фриленс договор

Nov 10, 2025

5 min read

0

2

Работата како фриленсер нуди слобода и флексибилност, но истовремено носи и одговорност за самостојно управување со деловните односи. Еден од најважните аспекти на оваа одговорност е склучувањето на цврст и јасен договор со секој клиент. Многу фриленсери ја потценуваат моќта на пишаниот збор и работат врз основа на усни договори, што често води до недоразбирања, неплатени фактури и правни спорови.


Во македонското законодавство, најчестата правна форма за фриленс ангажман е Договорот за дело, регулиран со Законот за облигационите односи (ЗОО). Овој договор е вашата прва линија на одбрана и најдобар алат за поставување на јасни очекувања. Добро составениот договор не е само формалност, туку темел за професионален и успешен однос со клиентот.

фриленс

Во продолжение, анализираме пет клучни клаузули кои секој фриленс договор треба да ги содржи, со објаснување на нивната правна важност според важечките закони.


1. Предмет на договорот: Детално дефинирање на фриленс работата


Ова е срцето на вашиот договор. Во оваа клаузула, неопходно е што е можно попрецизно да се опише работата што треба да ја извршите. Општите формулации како „изработка на веб-страница“ или „пишување текстови“ се недоволни и отвораат простор за несогласувања.


Што треба да вклучите?

  • Специфичен опсег на работа (Scope of Work): Точен опис на сите задачи, deliverables (продукти кои се испорачуваат), фази на проектот и ревизии. На пример, наместо „дизајн на лого“, наведете: „Изработка на три предлог-концепти за лого, со вклучени две рунди на ревизии на избраниот концепт. Финалната испорака вклучува векторски датотеки (.ai, .eps) и датотеки (.png, .jpg) во различни големини.“

  • Исклучоци: Јасно наведете што не е вклучено во договорената цена за да се избегне т.н. „scope creep“ – појава кога клиентот бара дополнителна работа без дополнителен надомест.


Зошто е важно ?

Според ЗОО, со договорот за дело изведувачот се обврзува да изврши „определена работа“. Зборот „определена“ е клучен – колку е појасно дефинирана работата, толку е помала можноста за спор. Дополнително, ЗОО ве обврзува да го извршите делото како што е договорено. Без јасен опис, тешко е да се докаже што точно било договорено.


2. Авторски права и интелектуална сопственост: Кој е сопственик на делото?


За креативните професии – дизајнери, програмери, писатели, фотографери – оваа клаузула е можеби најважната. Таа одредува кој ги поседува правата на делото откако ќе биде завршено и платено. Дали клиентот добива целосна сопственост или само лиценца за користење?

Што треба да вклучите?

  • Пренос на права: Јасно наведете кога и кои права се пренесуваат на клиентот. Најчесто, материјалните права се пренесуваат по целосното плаќање на надоместокот.

  • Исклучиво или неисклучиво пренесување:

    • Исклучиво пренесување значи дека само клиентот може да го користи делото, а вие (авторот) и сите други сте исклучени од користење.

    • Неисклучиво пренесување му дозволува на клиентот да го користи делото, но истото право го задржувате и вие, и можете да го пренесете и на други.

  • Право на портфолио: Дури и ако ги пренесете сите права, можете да договорите право да го користите делото за сопствена промоција во вашето портфолио.


Зошто е важно според законот?

Законот за авторското право и сродните права (ЗАПСП) е многу јасен. Според ЗАПСП, пренесувањето на материјалните авторски права мора да биде направено со пишан договор, инаку не произведува правно дејство. Ова значи дека без писмен договор, клиентот законски не ги стекнува правата врз делото што сте го создале, дури и ако го платил. Членот 70 од ЗАПСП ја прави разликата меѓу исклучиво и неисклучиво пренесување, што ви дава можност прецизно да го дефинирате обемот на правата кои ги отстапувате. Исто така, важно е да се знае дека моралните права, како правото на признавање на авторството, не можат да се пренесат.


3. Надоместок и услови на плаќање: Како, кога и колку?

Јасните финансиски услови се клучни за да се избегнат најчестите фриленс проблеми – доцнење со плаќање или целосно неплаќање.


Што треба да вклучите?

  • Вкупен износ: Прецизно наведете ја цената на услугата. Ако работите по час, наведете ја цената на работниот час и проценка на вкупниот број часови.

  • Распоред на плаќање: Дефинирајте дали се плаќа аванс (на пр. 30-50% однапред), дали плаќањето е по фази или целосно по завршување на работата. За поголеми проекти, плаќањето по фази е најдобра заштита.

  • Начин на плаќање: Банкарски трансфер, PayPal, итн.

  • Рокови за плаќање: Наведете го рокот за плаќање на фактурата (на пр. 8, 15 или 30 дена).

  • Последици за доцнење: Можете да вклучите и одредба за затезна камата во случај на доцнење со плаќањето.


Зошто е важно ?

Обврската на нарачателот да плати надомест е суштински елемент на договорот за дело. ЗОО утврдува дека ако надоместокот не е определен со договор, ќе го утврди судот според вредноста на работата и вообичаениот надомест. За да избегнете судски процедури, секогаш дефинирајте го надоместокот прецизно во договорот. Исто така, овој член вели дека нарачателот не е должен да плати пред да ја прегледа и одобри работата, освен ако поинаку не е договорено. Токму затоа е важно да договорите авансно плаќање или плаќање по фази.


4. Рокови и начин на испорака: Поставување јасни временски рамки

Без јасно дефинирани рокови, проектот може да се одолговлекува бесконечно, предизвикувајќи фрустрација кај двете страни.

Што треба да вклучите?

  • Краен рок: Датумот до кој финалниот производ треба да биде испорачан.

  • Рокови за поединечни фази: За посложени проекти, дефинирајте рокови за секоја фаза (на пр. рок за прв нацрт, рок за повратна информација од клиентот, рок за финална верзија).

  • Одговорност на клиентот: Наведете дека роковите зависат од навремената соработка на клиентот (на пр. доставување материјали, давање повратни информации).

  • Начин на испорака: Како ќе биде предадено делото (преку e-mail, cloud сервис, итн.).

Зошто е важно според законот?

Изведувачот е должен да го изврши делото за „определеното време“, а ако тоа не е определено, тогаш за времето кое е „разумно потребно“. За да се избегне субјективното толкување на „разумно време“, секогаш е подобро роковите да бидат прецизно дефинирани во договорот. ЗОО истотака предвидува дека не одговарате за задоцнување настанато поради однесувањето на нарачателот.


5. Услови за раскинување на договорот: План за излез

Иако никој не склучува договор со намера да го раскине, важно е да се предвидат ситуации кога соработката може да тргне во погрешна насока. Оваа клаузула обезбедува јасен и фер начин за прекин на соработката.

Што треба да вклучите?

  • Услови за раскин: Под кои околности било која од страните може да го раскине договорот (на пр. непочитување на рокови, неисполнување на обврските, неплаќање).

  • Отказен рок: Периодот кој треба да помине од известувањето за раскин до неговото стапување во сила.

  • Финансиски последици: Што се случува со дотогаш извршената работа и направените плаќања? Најчесто се договара клиентот да ја плати работата извршена до моментот на раскинување.


Зошто е важно според законот?

Законот за облигационите односи предвидува неколку сценарија за раскин. Член 627 му дава право на нарачателот да го раскине договорот ако изведувачот не работи според договореното и не ги исправи недостатоците во даден рок. Од друга страна, Член 648 му дава право на нарачателот да го раскине договорот секогаш кога сака, но во тој случај е должен да му го исплати на изведувачот договорениот надомест, намален за трошоците што не ги направил. Со јасна клаузула за раскин во вашиот договор, можете да ги предвидите и регулирате овие ситуации на начин кој е фер за двете страни, без да се потпирате само на општите законски одредби.


*

Заклучок

Инвестирањето време во изработка на детален и правно основан договор е една од најпаметните деловни одлуки што можете да ја донесете како фриленсер. Тој не е само документ за решавање спорови, туку пред сѐ алатка за нивно спречување. Јасно дефинираните обврски, права и очекувања градат доверба и поставуваат темели за професионална и долгорочна соработка. Не оставајте простор за претпоставки – заштитете ја вашата работа.

© 2024 by Law office Isaevski

bottom of page