top of page

Неискористен годишен одмор – Вашите права и законските обврски

May 23

3 min read

0

21

Правото на годишен одмор е едно од фундаменталните права на вработените, загарантирано со Законот за работни односи. Ова право има двојна функција: заштита на здравјето и благосостојбата на работникот, и создавање услови за ефикасна и продуктивна работна средина. Но, што се случува кога работникот не го искористил својот годишен одмор? Кои се последиците, и како може да се заштитат правата?


annual leave

Правото на годишен одмор

Законот за работни односи во Северна Македонија пропишува дека секој вработен има право на годишен одмор во траење од најмалку 20 работни дена, овие денови може да се продолжат според стаж, возраст, инвалидитет, грижа за деца, итн. Овој одмор треба да се искористи во текот на календарската година. Доколку вработеното лице поради одредени лични, сејмени причини (боледување, или повреда, породилно отсуство или нега и чување дете) не можел објективно да го искористи годишниот одмор од календарската година во целост, ова право се префрла за наредната година, но само до 30 јуни.


Важно е да се напомене дека правото на годишен одмор е неотповикливо и не може да се откаже со волја на странките. Работодавачот има обврска не само да го овозможи одморот, туку и да обезбеди услови за негово користење. Спречување или одложување на користење на одмор претставува прекршување на правата на вработените


Последици од неискористен годишен одмор за работодавачот

Доколку работодавачот не му овозможи на работникот користење на годишен одмор, може да се соочи со инспекциски надзор и прекршочна постапка. Државниот инспекторат за труд има надлежност да изрече парични казни и да наложи задолжително почитување на правото. Во одредени случаи, работникот може да покрене и судска постапка за надомест на штета.


Надомест за неискористен годишен одмор – исклучок, не правило

Исплатата на надомест за неискористен годишен одмор е дозволена само во случаи кога вработениот побарал користење на годишен одмор и истото не му било овозможено, а работниот однос престанал. Доколку дојде до прекин на работниот однос по вина на вработениот или поради негова волја (или отказ од страна на работникот или со потпишана спогодба со работодавачот) на вработениот не му следува надомест за неискористен одмор.


Имајќи го ова во предвид, на вработен му следува надомест за неискористен одмор единствено ако работниот однос престанал поради истек на времетраење на договорот, пензионирање или отказ од деловни причини. Во овој случај работодавачот е должен да го пресмета бројот на неискористени денови и да го исплати надоместот на вработениот.


Дали работодавачот смее да исплати надомест за неискористен годишен одмор за време на активен работен однос ?

Не, согласно македонската регулатива ова е недозволено и се смета за прекршување на Законот, бидејќи загарантираното право на одмор на вработените има цел да го заштити здравјето на вработениот и да спречи злоупотреба на работните обврски.


Судска пракса и значењето на правна помош

Во македонската судска пракса постојат бројни случаи каде што работодавачи биле санкционирани поради непочитување на правото на годишен одмор. Судовите генерално заземаат став во корист на вработениот, особено кога постојат докази дека работодавачот го попречувал користењето на одмор.


Во такви ситуации, улогата на адвокат е од суштинско значење. Правната помош не само што обезбедува формулирање на соодветни барања, туку и претставува правна сигурност во евентуална постапка пред суд или инспекција.


Превенција и препораки

За работниците, препорачливо е барањето за годишен одмор секогаш да биде поднесено во писмена форма, по можност преку електронска пошта или службен допис. Чувањето на доказите е клучно доколку дојде до спор.


За работодавачите, препорачливо е да воспостават интерна политика за планирање и користење на годишни одмори, со јасни процедури, рокови и обврски. Водењето ажурна евиденција за искористените и неискористените денови е правен и управувачки приоритет.

*

Клучни поенти за крај

Годишниот одмор не е само законска обврска – тој е дел од правото на достоинствен труд. Неискористениот одмор создава ризици, како за работникот така и за работодавачот. Со навремено постапување, правна консултација и транспарентна евиденција, можни се фер, законски усогласени решенија за двете страни.

**

Напомена: Овој текст е подготвен исклучиво за информативни цели и не може да се смета за правен совет или упатство за конкретно постапување. Правните прашања се сложени и секој случај има свои специфики кои мора да се разгледуваат поединечно. Токму поради тоа ви предлагаме да се консултирате со стручно лице- Адвокат кои може да најде уникатно решение за вашето правно прашање.

© 2024 by Law office Isaevski

bottom of page