
Планирате да отворите фирма во Македонија – која е најдобрата опција за вас?
Nov 5, 2025
3 min read
0
5
Започнувањето на сопствен бизнис е возбудлив, но сложен процес, а една од најважните одлуки што треба да ја донесете е изборот на фирма, односно нејзината правна форма. Овој избор не влијае само на начинот на регистрација, туку и на одговорноста за долговите, потребната основна главнина, даночниот третман, структурата на управување и административните обврски. Во Македонија, постојат неколку опции прилагодени на различни видови и обем на дејност.

Тип на фирма: Трговец поединец (ТП)
Трговец поединец е наједноставниот облик на бизнис. Тој се однесува на физичко лице кое самостојно врши трговска дејност со цел остварување добивка и се стекнува со својство на ТП преку упис во трговскиот регистар. Главната карактеристика на трговецот поединец е неограничена лична одговорност, што значи дека вашиот личен имот може да се користи за покривање долговите на бизнисот. ТП е добра опција за мали, едноставни дејности со низок ризик, кои сакаат брз и евтин старт и при основање на ТП не ви е потребен паричен влог.
Основни карактеристики:
Физичко лице кое самостојно врши трговска дејност со цел остварување добивка.
Неограничена лична одговорност – личниот имот може да се користи за покривање долговите на бизнисот.
Нема паричен влог
Кога е разумна опција:
За мали бизниси со едноставна структура.
Кога сакате брз и евтин старт.
За индивидуални дејности со низок ризик.
Тип на фирма: Друштво со ограничена одговорност (ДОО/ДООЕЛ)
За оние кои сакаат да ја ограничат својата лична одговорност и да создадат структура која овозможува раст и стабилност, друштвото со ограничена одговорност (ДОО/ДООЕЛ) е најчесто избраната форма. Содружниците во ДОО не одговараат лично за обврските на друштвото, а се основа со минимален паричен/непаричен влог од пет илјади евра. Регистрацијата може да се изврши преку едношалтерски систем, што овозможува брзо и ефикасно започнување на бизнисот. Управувањето во ДОО е формализирано преку договор и овластувања на управителот.
Основни карактеристики:
Содружниците не одговараат лично за долговите на фирмата.
Минимален основен паричен/непаричен влог: 5.000,00 евра
Управување преку овластувања на управителот.
Кога е разумна опција:
За заштита на личниот имот.
Кога планирате раст и стабилност на фирмата.
За компании кои сакаат јасна организациска структура.
Тип на фирма: Поедноставено трговско друштво (ПДОО)
Поедноставеното трговско друштво е нова форма на друштво со ограничена одговорност наменета за старт ап компании. Главната предност е ниската основна главнина – само 1 евро, со можност за максимум три основачи, од кои еден е управител. Друштвото мора да има задолжителна резева во износ од една четвртина од добивката за покривање на загули или зголемување на основна главнина.
Основни карактеристики:
Може да има максимум три основачи, од кои еден е управител.
Влоговите се уплаќаат само во пари.
Задолжителна резерва: една четвртина од добивката за покривање загуби или зголемување на основната главнина.
При зголемување на главнината над 5.000 евра, ПДОО може да премине во ДОО, при што го задржува името на фирмата
Кога е разумна опција:
За стартап компании со минимални средства.
За претприемачи кои сакаат да започнат бизнис со мал ризик.
За нови бизниси кои сакаат флексибилна и едноставна структура.
Зошто е идеален за стартапи: Оваа форма овозможува да започнете бизнис со минимални средства, без потреба од голем основачки влог, што ја прави идеална за нови претприемачи со иновативни идеи.
Тип на фирма: Акционерско друштво (АД)
Ако планирате поголеми инвестиции и имате повеќе акционери, акционерското друштво (АД) нуди соодветна рамка.Акционерското друштво е трговско друштво во кое акционерите учествуваат со влогови во основната главнина, којашто е поделена на акции. Акционерите не одговараат лично за долговите,најмалиот износ на основната главнина, без јавен повик за запишување на акции, изнесува 25.000,00 евра. Доколку се формира со јавен повик за запишување на акции е 50.000,00 евра. Управувањето се спроведува преку органите на друштвото предвидени во статутот. Оваа форма е најсоодветна за компании кои сакаат поголем капитал и пософистицирани корпоративни структури.
Основни карактеристики:
Акционерите не одговараат лично за долговите на друштвото.
Минимална основна главнина: 25.000 евра.
Управување преку статут и органи на управување.
Кога е разумна опција:
Кога планирате поголем капитал.
За компании со повеќе инвеститори.
За пософистицирана корпоративна структура.
*
Заклучок
Пред да поднесете пријава, проверете дали вашата дејност бара посебна согласност или дозвола, контактирајте регистрационен агент како што е адвокатската канцеларија Исаевски и процените ги своите цели, ресурсите и нивото на ризик со кое сте подготвени да се соочите. Одлуката треба да се темели на сопствениот бизнис-план, очекуван раст и стратегии за управување, со цел да се создаде стабилна основа за успешна и одржлива работа.
**
Напомена: Овој текст е подготвен исклучиво за информативни цели и не може да се смета за правен совет или упатство за конкретно постапување. Правните прашања се сложени и секој случај има свои специфики кои мора да се разгледуваат поединечно. Токму поради тоа ви предлагаме да се консултирате со стручно лице- Адвокат кои може да најде уникатно решение за вашето правно прашање.