
Регресот е законска обврска, а не привилегија — право на исплата што застарува по истекот на три години
Oct 17
3 min read
0
26
Во праксата сè почесто се појавуваат случаи кога работниците не го добиваат регресот за годишен одмор (познат и како К-15), а дел од нив погрешно веруваат дека тоа е „привилегија“ што зависи од волјата на работодавачот. Всушност, регресот е законска обврска, а не привилегија што работодавачот може да ја додели или одбие по сопствена волја. Таа е предвидена со Законот за работните односи и Општ колективен договор за јавниот и приватниот сектор и како повеќето парични побарувања, и овие подлежат на рок на застареност, кој во овој случај изнесува три години.

🔹 Што претставува регресот?
Регресот е право на исплата што ѝ припаѓа на секоја вработена личност која има полни шест месеци непрекинат работен стаж во календарската година кај истиот работодавач. Исплатата на регресот е поврзана со користењето на годишниот одмор и има за цел да обезбеди финансиска поддршка на работникот за време на тој одмор.
🔹 Колку изнесува висината на регресот?
Минималниот износ на регресот за лицата вработени во приватниот сектор е 40% од основицата додека пак за лицата вработени во јавниот сектор е 30% од основицата.
Основицата за пресметување на надоместокот преставува просечната месечна нето плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци. (освен ако со колективен договор или интерен акт не е одреден повисок износ).
Ова значи дека вашиот исплатен регрес не смее да биде помал о д просечната месечна нето плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци.
🔹 Обврската е на работодавачот
Работодавачот има законска обврска да го исплати регресот, без разлика дали тоа е експлицитно наведено во договорот за вработување. Неисплатата претставува повреда на правата на работникот и може да биде предмет на постапка пред Државниот инспекторат за труд или пред суд.
🔹 Регресот застарува по истекот на три години
Важно за работникот е да знае дека правото на исплата на регресот застарува по истекот на три години од денот кога требало да биде исплатен. Тоа значи дека, ако на работникот не му би л исплатен регрес, а притоа истиот не доставил опомена пред тужба или пак му било ветено од работодавачот, а не било исполнето во рокот од три години, работникот, го губи правото да го бара преку суд.
Иако Законот за облигационите односи предвидува општ рок на застареност од пет години за побарувањата, за паричните побарувања од работен однос важи посебниот рок согласно Законот за работни односи кој е од три години. Кога ќе застари главното побарување, тогаш застаруваат и споредните побарувања, како што се побарувањата на камати, плодови, трошоци и договорна казна.
На пример, ако регресот за 2021 година не бил исплатен до крајот на таа година, правото на исплата застарува со истекот на 2024 година.
Заклучок
За работниците затоа е битно да ги чуваат платните ливчиња и евиденциите од исплатите. Доколку регресот не е исплатен, обратете се писмено до работодавачот и побарајте го. Ако нема реакција, може да се поднесе пријава до трудовата инспекција или тужба пред надлежен суд.
За работодавачите пак, редовната исплата на регресот не е само законска обврска, туку и прашање на коректен однос кон вработените. Со тоа се градат доверба, задоволство и подобра работна клима.
Правото на регрес, односно на исплата на парични побарувања од работен однос, е темелно право на секој работник, гарантирано со закон. Работодавачите имаат законска обврска да ги исполнуваат овие обврски.
За работниците е клучно да бидат свесни за своите права и за рокот на застареност од три години. Доколку на работник не му е исплатен овој надоместок во рок од три години, а во тој период работникот не ги побарал своите парични побарувања, го губи правото на присилно исполнување, што значи дека работодавачот може да се повика на застареност и да одбие исплата.
Напомена: Овој текст е подготвен исклучиво за информативни цели и не може да се смета за правен совет или упатство за конкретно постапување. Правните прашања се сложени и секој случај има свои специфики кои мора да се разгледуваат поединечно. Токму поради тоа ви предлагаме да се консултирате со стручно лице- Адвокат кои може да најде уникатно решение за вашето правно прашање.